Страници

9. 7. 2013.

Неписменоста е проблем во Република Македонија!?



                     Неписменоста е проблем во Република Македонија
       Во 21 век  да зборуваш за неписменост е навистина чудно. Во ова море од информации и лесен пристап до сите најнови достигнувања е парадоксално да пишуваш за оваа тема.
За жал, неписмени има. Ама, не се  неписмени само оние кои воопшто не знаат да читаат и пишуваат туку и оние кои правилно не ја употребуваат јазичната норма на македонскиот јазик како во говорената  така и во пишуваната форма.

Говорената форма се реализира преку правила со кои се нормира задолжителниот изговор на гласовите (правоговор), преку граматичките правила и преку стадардизираната лексика (речник).
Пишуваната форма се реализира преку правописни правила утврдени со правописот на стандардниот јазик,преку задолжителни граматички правила и општоприфатена стандардизирана лексика.*
Ќе се задржам на проблемите со кои се соочуваме при описменувањето на нашите ученици.
Ако ги тргнам настрана оние ученици кои имаат потешкотии во својот развој, тогаш доаѓам до следниве категории ученици:
1. Ученик кој воопшто не чита,а умее да препише текст (ги пресликува буквите);
2. Ученик кој препознава и чита текст напишан со печатни букви и тешко пишува (печатно или  ракописно);
3. Ученик кој тешко чита, а при пишувањето „голта букви“;
4. Ученик кој чита,а писмено се изразува со потешкотии (најчесто меша печатни и ракописни букви);
5. Ученик кој чита без проблем, а знае при пишувањето да употреби латинична буква;
6. Ученик кој чита и пишува без проблем,а има потешкотии при правилната употреба на правописните правила;
Јазични грешки, непочитување на правописните правила, а и естетиката при пишувањето се дел од моите најчести забелешки кај учениците од петто до осмо одделение(шесто до деветто деветгодишно). Една забелешка ми е клучна: ученикот кој тешко чита и пишува и не ја совладал основната јазична писменост во првите три одделенија од основното образование,тешко може да ги следи своите другарчиња во наредните години на образование. И покрај напорите на наставникот, ученикот, правилно да се описмени, резултатите се незадоволителни. Предметниот наставник е во трка со наставната програма која треба да ја реализира,па напредокот на другите ученици во совладување на наставните содржини му е приоритет.
Логично се поставува прашањето кои се причините  се` уште да имаме ученици кои тешко се описменуваат.
 Образложението за оваа појава е комплексно и е предизвикано од повеќе причини, а јас ќе наведам неколку:

1. Деца кои доаѓаат од социјално загрозени семејства (  тешка материјална состојба, психички проблеми на родителот, многудетни семејства...);
2. Деца чии родители имаат потешкотии при соодветната помош на детето (неможност училишните обврски да се исполнат навремено);
3. Законот за основно образование кој не дозволува повторување на ученици до 6 одделение;
4. Обемната програма за работа, која мора да се реализира, вклучувајќи  го и тука изучувањето на англискиот јазик од прво одделение, како и изборните предмети кои се изучуваат во одделенска настава;
5. Раниот пристап до интернет и користењето тастатура како алатка за пишување (па има ученици кои одлично ги владеат компјутерските вештини, а пишувањето им е слаба страна);
6. Лесниот пристап на социјалните мрежи,користењето на латиницата и разговорниот јазик придонесуваат овој проблем да се продлабочи;
7. Недоволниот интерес за читање книги или разни детски и други списанија;
8. Начинот на кој се проверува знаењето на учениците ( претежно преку тестови);
9. Користењето на македонскиот стандарден јазик од сите наставници(беа разлика на предметот што го предаваат) не е доследно .
Секој наставник за време на своето образование полагал македонски јазик и должен е своите предавања да  ги реализира на стандарден македонски јазик.
Ова се само дел од причините (мои согледувања) за овој се` уште проблем.
Како јас се справувам со овој проблем?
-Со учениците кои доаѓаат од петто оддделение, најпрво правам дијагностичко проверување (што знаат, а што треба да дополниме);
-Ги детектирам учениците (ако ги има) кои спаѓаат во оваа категорија;
-Ги откривам причините за нивното недоволно описменување;
-Започнувам со различен пристап (индивидуализирано) кон соодветниот проблем и етапно во текот на следните години го решавам;
Забелешка: Не можам да ја реализирам мојата програма ако ученикот е неписмен!!
-Договарам индивидуални средби со родители со цел заедничка активност за описменување;
-Секој напредок на ученикот го истакнувам и мотивирам со повисока оценка (писмена вежба, писмена работа);

Писменоста не треба да биде камен на сопнување во нашето современо образование. Проблемот, ако не се реши навремено, ќе се влече и во годините подоцна.Па така,ќе „учиме“  нови правила од ТВ, на Интернет ќе се чудиме од морето јазични и граматички грешки,па ќе имаме печатени медиуми без лекторски поправки,а и одреден број  книги, учебници, разни публикации и на повиско ниво преполни со грешки.
Часовите по македонски јазик треба да бидат работилници  за убаво и правилно читање и пишување,а најзначајна алатка за работа да бидат пенкалото и хартијата. Можеби звучам конзервативно,но претераната употреба на компјутерските вештини овој проблем нема да го реши.Јас применувам ИКТ во наставата, ама во функција на истражување, а не во функција на описменување. Тестовите по принцип, од четири одговори одбери еден, исто така ќе го продлабочат овој јаз на јазична неписменост. Должни сме да  работиме на мотивацијата за читање лектири, а филмските адаптации на литературните дела да бидат дел од дополнителните и додатните часови.
На крај, оваа моја анализа нека биде дополнета со други искуства и согледувања од мои колеги, а Бирото за развој на образованието во Република Македонија нека го прифати како импулс за поопсежна анализа и иницијатива за некој проект поврзан со писменоста во основното и средното образование.

               Изработила: професорка по македонски јазик, Роза Китрозоска
______________________________________________________________
*Македонски јазик за средно образование,Просветно дело, 1999 год.

Написот е објавен на Образование , Кауза.Мк 
Еве го линкот ТУКА

Нема коментара:

Постави коментар