Страници

12. 9. 2012.

Социјални песни

Литературата се дели на три рода: лирика, епика и драма.
Лирска песна е куса, сликовита поетска творба исполнета со многу чувства (радосни или тажни).
Мотив е основна мисла водилка-поттик што го тера авторот да создаде песна.
Според мотивот песните може да бидат: родољубиви, хумористични,
љубовни, пејзажни, социјални и др.
Во социјалните песни поетите ги искажуваат своите мисли и чувства за неправдите кои ги доживуваат угнетените и експлоатираните работници.
Во македонската литература социјални песни пишувале: Кочо Рацин, Коле Неделковски, Константин Миладинов, Рајко Жинзифов и други.

Коле Неделковски
     
    Работник
По земници влажни
ноќеви тежат,
а векови тажни
на срце лежат.

А брзам сабајле
и полн со гајле
у мугра да станам
лимња да фанам.

Се` работа сакам,
по клубови акам,
а никој ме нејќе-
ех,стар сум веќе.

Се` така се молкнам
парталав-кален,
се` така го тегнам
животот жален.

А младост-црнина
по скелиња мина,
се` малтер си носев,
без стра се јазев.

А сега ме свило-
злото ме пие
и драго и мило
без ден ќе згние.

До кога ли вака
шепот без екот?
Па доста сме браќа,
робја на векот.

Од матен ни поглед
да молсне веда
да стокмиме довлет
за наш`те чеда.
       Коле Неделковски

На скелињата секој ден со кофи во рацете ...
                                                 
    Со тешка мисла, секое утро работникот оди да најде работа со цел да заработи дневница. Борбата за егзистенција е тешка бидејќи староста е пречка да заработи. Цела младост ја поминал по скелињата носејќи малтер. Со болка, разочарување, тешка мисла дека и многу други браќа се во иста ситуација: ,,До кога ли вака
                                шепот без екот?“
Гласот за подобро утре мора да се крене, од погледот да,, молсне веда“ за идните генерации да живеат  подобро утре.

 Денови
Како на вратот ѓердани
ниски камења студени
така на плешки денови
легнале та натежнале.

Денови ли се -денови
аргатски маки големи!

Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси-

ај,пуст да е,пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек-роб биди
роди се човек-скот умри,
скотски цел живот работи
за други,туѓи имоти.

За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!

За себе само ргај си
за себе маки тргај си-
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,

нижи си синџир железен
околу вратот навезен.
          Кочо Рацин
 
Кочо Рацин
Песната ,,Денови“ е една од највпечатливите социјални песни од легендарната збирка ,,Бели мугри“. Поетот е мотивиран од бедата во која живеат аргатите .
  Неправда е што тие работат многу, а заработуваат малку, стануваат рано, а доаѓаат доцна. Утрата им се полни со радост, а навечер ја носат тагата во нивните домови. Секој ден го проклонуваат ,,животот кучешки“:
,,ај,пуст да е,пуст да би
останал живот кучешки!“
Се раѓаат како луѓе, живеат како робови,  умираат ,,скотски“. И сето тоа за ,,туѓи бели дворови“. Затоа поетот, аргатските денови ги споредува со ѓердан нанижан од ,,камења студени“ и ,, алки ковани“.
Тежок е аргатскиот живот!!
        👇   Слушнете ја „Денови“! 
   
          

👇 Да ја составиме сложувалката!

Нема коментара:

Постави коментар