- „Болка боли – болка гори
- болка пече, душа мори.
- А болката кога свети –
- тешко, тешко, тешко клети!“
- - Елегии за тебе
- 💬 По повод 55. Детски Рацинови средби, подготвивме мултимедијален проект посветен на Кочо Рацин - поет на болката и љубовта.
- Нашата е-книга е изработена во Book Creator и содржи слики, текст, видеа, линкувани содржини, сложувалка, квиз, кодирана анимација. Се обидовме да бидеме концизни и јасни, а сепак креативни. Сè што не можевме да поставиме во книгата, ќе го напишеме овде, на нашиот Роземак.
- Слики од нашата работа👇
Нашата литературна дружина го носи името на Кочо Рацин
- 💬„Бели мугри“-Кочо Рацин
- Во мозаикот на македонски литературни великани посебно место зазема Кочо Рацин. Овој македонски книжевник и социјалистички деец се смета за основоположник на современата македонска книжевност. Тој пишувал проза, но се занимавал и со историја, филозофија и книжевна критика. Со перо на префинет мајстор вешто и најдобро творел поезија.
- Во дрвеното резбано и вредно ковчеже на македонските поетски бисери, значајно место има Рациновата стихозбирка „Бели мугри“, 1939, Самобор.
- „Јазикот - тоа е голема сила на народот, на нацијата. Да му го земеш јазикот, тоа значи да му ја земеш душата...“
- Овие негови мисли провејуваат од секој негов стих во збирката. Роден во сиромашно грнчарско семејство, свесен за експлоатацијата на обичниот човек, работникот, тутуноберачот, аргатот, тој ќе пишува стихови со социјални и револуционерни теми.
- Насловот на стихозбирката е симболичен - работниците, аргатите посакуваат нов ден, ново утро, нов почеток и живот во кој сите се еднакви. Низ ѓерданот од поетски бисери посебно место заземаат: „Денови“, „Ленка“, „Копачите“, „Тутуноберачите“ и др. Емотивно и длабоко пее и за пропаднатите занаети во циклусот „На Струга дуќан да имам“:
- Аргатските денови се како ѓердан од камења кои постојано висат на вратот од аргатот. Елегични чувства за македонското страдање се искажани во песната „Денови“. Наутро деновите започнуваат со надеж, а завршуваат со тага и очај. Метафората „живот кучешки“ реално ја опишува аргатската безнадежност. Тие не се слободни луѓе, туку робови на експлоататорите и не можат да се прехранат „за себе само 'ргај си/за себе маки тргај си“.
- Песната завршува со безизлез. Страдањето е постојано, а тие ќе го нижат ѓерданот од тешки денови.
- „Нижи си ѓердан денови
- нижи си алки ковани,
- нижи си синџир железен
- околу вратот навезен!“
- Антологиска е и елегијата „Ленка“. Убавата Ленка е принудена да ја остави подготовката на свадбените дарови и поради сиромаштијата оди да работи во монополот. Нежна и слаба е Ленка, се менува во ликот и се разболува. Крикот во вториот дел искажува револт. Ленка не треба да работи, тутунот е отров кој ќе биде кобен за неа. Трагедијата е неизбежна. Градацијата во следните стихови:
- „Прва година помина
- грутка в срце и легна,
- втора година намина
- болест ја в гради искина.
- Трета година земјата
- на Ленка покри снагата.“
- ја претставува нејзината трагедија. Соништата на Ленка се неостварени: да се омажи и да има семејство.
- Повикот за борба против тешкиот аргатски живот е присутен во песната „Копачите“. „Силно светнал ден“ е слоганот со кој разбудените копачки и копачи ќе ја извојуваат слободата. Нивните страдања и работа од утро до мрак ќе престанат кога работниците ќе се освестат и обединето ќе тргнат кон новото утро. Поетското јас и работниците се едно - тој ќе им се придружи во борбата „на работа/на труд“. Се повторува овој повик за борба со желба за обединување на сите работници „та не сме саде ние/та не сме саде тука“. Песната завршува оптимистички, со надеж за подобар живот. Времето за револуција е дојдено.
- „Бели мугри“ е одраз на македонските патила, страдања и народни идеали. Таа е срце и свест и високо кренато знаме. Со почит за Рациновото дело, ние, неговите следбеници вечно ќе го следиме неговиот пат и достојно ќе го презентираме неговото дело.
-
-
споменикот на Стог Марка со ликот на Кочо Рацин - За нашата е-книга може да кликнете и подолу👇
Пред вас е уште еден предизвик👇
Претходната учебна година изработувавме постер за ликот и делото на Кочо Рацин.
Потсетете се! 👉 ПОСТЕР ЗА КОЧО РАЦИН
👉Наградите си ги зедовме, а зад нас останува уште еден прекрасен спомен за чествувањето на големиот Рацин. Ние сме Рацинови следбеници! Слава му!