Страници

29. 11. 2020.

Твориме-римуваме! Слободата - птица в лет

 



Слободата -птица в лет

Една птица тажна
во кафезот стои,
во слобода лажна,
денови  не  брои

Сонува за небесна шир
 природа, прекрасен мир.
Над море да рашири крила
да кликне во слобода мила
- Зорица Мурџеска

                                                                 

 Слободата - птица в лет

Птицо моја мила,
небесна убавице сива
на небото шириш крила
во радост слобода си свила.

Слободата е птица в лет,
во бескраен и широк свет.
Птица, среќна разлетана,
во слобода расцветана.
       -Надица Иваноска

 


Слободата - птица в лет

Утрото кој не го гледа,
тој голема среќа нема.
 Сенка темна и бледа 
на ѕидот му се слева.

Дали има нешто
повредно од слободата
Не - птица е таа на небото!
Не - риба е таа во водата!
 - Георгина Србакоска 

  

Слободата - птица в лет

Мала жолта птица
на небо слободно лета,
застанав крај прозорецот
чекам пред мене да слета.

Во слобода, таа лета,
раширила крила,
ја гледам, се восхитувам,
колку е убава и мила. 

Од прозорецот брзо,
потскокна и летна,
ги рашири крилцата,
како зрак на небото светна.
            -Марија Мурџеска



Слободата - птица в лет

Во едно прекрасно мајско утро
се спушти една птица в лет,
размислуваше таа мудро
сакаше да го обиколи целиот свет.

А кој не би сакал,
 на тоа небо ширно,
да одлета в мир,
во тоа утро тивко
да се распее на небесната шир.

Слободна се спушти в лет, 
со радост и весела песна,
го обиколи целиот свет.
 - Љубица Димитриеска
 


Слободата - птица в лет
 
Лет, лет ластовичке
на далечен пат,
а твоето гнездо
ќе го чувам јас.

Штом Сончко нè згрее
ќе те чекам јас,
со твоите друшки млади
ќе ми дојдеш пак.

Ќе исполниш срце мое
со весела песна твоја,
и нов дом ќе свиеш
под мојата стреа.
- Голабинка Мукоска

             

Слободата -птица в лет

Во кафез го ставил
како во пранги
славејот тажен,
наведнал глава.

Гласот му трепери,
 а сака да пее.
Низ кафезот тажно 
сонцето го грее.

Се отвори врата
и славејот летна.
Небесната го чека шир,
посакува ѕвезден мир.

Со песна слободата ја слави,
пораки кон луѓето праќа
Мир, слобода и љубов
нека царуваат, мои браќа.
 - Иван Димитриески






8. 11. 2020.

Македонски хумористични народни приказни

 Мајсторот што го турнал оџакот

                    Еден мајстор му направил оџак на некој човек. На завршување, вечерта, оџакот почнал да се навалува и да паѓа. Мајсторот го потпирал со плеќите за да не падне. Арно ама, плитарите биле тешки, па мајсторот видел дека оџакот ќе падне, бидејќи го направил накриво. Тогаш почнал да вика по стопанот:
      ー Еј, господине, еве, го направив оџакот, дојди да ми платиш, зашто ќе го турнам ако не дојдеш на покривот. 
     ー Добро, мајсторе, ќе ти платам, слези долу, ќе ти платам и натплатам.
     ー Не, овде донеси ми ги парите, или ќе го турнам оџакот -  одговорил мајсторот.
                 Стопанот го молел, го колнел, арно ама мајсторот никако не се согласувал да слезе долу од покривот. Кога забележал дека не може да го додржи оџакот, се поиставил, па тој паднал. Кога тоа го забележал стопанот, му извикал на мајсторот:
     ー Море, зошто го турна оџакот, бре мајсторе, добро да не видиш?!
     ー Нели ти велев да ги донесеш парите овде - му рекол налутено мајсторот на стопанот. ー Јас го правев оџакот, јас го турнав! - додал мајсторот.
              Понекогаш лагата го скрива срамот. Самиот мајстор така се пофалил пред другите мајстори, признавајќи им дека се послужил со лага, измамувајќи го стопанот. 
                       


Лажливото здравје
    Еднаго го прашале: „Како сте дома?“
ー Сè здраво, сѐ живо сме - одговорил тој, - а само кучката ни лежи на ќерамиди болна!
ー Ами од што е болна? - прашале.
ー Од јадење коски од нашата маска- одговорил тој- ѝ залетна една коска во грлото, та од тоа е болна!
ー Дали ви псоиса маската? Од што?
ー Псоиса -рекол- носеешчем камења за гробот од мајка; се наби од камењата, та од това псоиса!
ー Дали и мајка ви умре? Од што?
ー Умре од жалба за татка!
ー Ами и татко ви умре? Од што?
ー Умре од жалба за брата ми!
ー Зошто? Дали и брат ти умре?
ー Умре и тој на туѓина!
И така сите во куќата биле сѐ здраво, сѐ живо, а никој жив не останал!
😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕😕

Селанецот и оџата
            Еден селанец имал документ напишан на турски и се чудел кој да му го прочита. Одејќи по патот сретнал еден ефендија (господин) со чалма - значи оџа.
           ー Ефенди, ефенди - му викнал - прочитај ми го документов!
           ー Не знам, бре синко,  - му одговорил ефендијата.
           ー Ами како така, ефендија со чалма, а не знаеш да читаш?! - одговорил зачудено човекот.
           ー Ех, штом работата била во чалмата, еве ти ја, земи ја, врзи си ја околу главата и прочитај си го документот - духовито одговорил оџата.


                     Ги надмудрил своите синови и снаи
         Некој старец имал три сина. Домаќинката му умрела арно. Пораснале синовите и сите се ожениле. Снаите се погодиле лоши и не го гледале на стари години. Тој се оплакувал на синовите, но тие, под влијание на своите жени, не се грижеле за татка си. Тој долго време размислувал и најспосле смислил како да ги натера своите синови и снаи подобро да го гледаат. Еден ден ги повикал синовите и им рекол:
    ー Слушајте, синови мои. На едно место имам скриено грне полно со жолтици. На оној, кој најдобро ќе ме догледа до крајот на животот, ќе му кажам пред смртта кај е скриено грнето со пари. 
        Синовите им заповедале на своите жени што поубаво да го гледаат стариот татко. Секоја снаа се трудела најдобро да му угоди на свекорот..
        Добро си проживеал таткото. пред умирачката ги повикал синовите и снаите и им рекол:
     ー Ви благодарам за грижите што ги имавте за мене. Колку пак за грнето полно со жолтици, не барајте го оти тоа е само моја смислена лага за да ме гледате како што прилега на татко и свекор.
                                        

 
Го фатил лукот
    Некој човек отишол ноќем во една бавча да краде лук. Само што влегол во една леа да бере, го видел бавчанџијата и од зад него полека-полека му се приближил. Во исто време арамиајата беше се наведнал да корне од леата лук.
   ー Што правиш тука, бре? - му свикал бавчанџијата.
  ー  Еве кај се држам за лукот - му одговорил арамијата - зашто овде ме довеа ветрот, пријателе.
  ー Ама ако те довеал ветрот, зошто се држиш за лукот? - му рекол бавчанџијата.
  ー Е па се држам, пријателе - му рекол арамијата - за да не ме одведе пак на друго место ветрот.
      Со таа итроштина се оправдал арамијата пред простиот бавчанџија.

   Магаре јавај - магаре барај
           Некој дрвар собрал десет градски магариња и пошол да оди по дрва. Кога ги потерал магарињата пред себе, ги избројал - биле десет. Подоцна по патот јавнал на едно магаре, а другите ги терал пред себе. Потоа пак почнал да пребројува за да провери дали се точно десет. Ги броел, ги пребројувал, му излегувале девет, зашто тоа што го јавал не го броел. Почнал да се грижи, мислејќи дека пуштил едното по патот да му се загуби!
          Се потресол сиромавиот човек каде му се изгубило едното магаре. Слегол да го бара. откако слегол, пак ги пребројал и му излегле токму десет. Му дошла душата на место оти едното магаре се нашло, па пак јавнал на едно од нив, а другите ги терал пред себе. Откако јавнал пак, си рекол да ги преброи уште еднаш. Брои, брои, пак едно му излегува помалку - девет магариња! Пак слегол и почнал да ги брои: му излегуваат точно. Така тој неколкупати направил, качи се, преброј ги - излегуваат девет; слези преброј ги - му излегуваат десет и никако не му текнувало да го брои и тоа магаре што го јавал. 
         Дури најпосле одвај му текнало, па си рекол: „ Туф, магаре јавај, магаре барај!“

     


 Мрзливата жена
                  Една жена била многу мрзлива. Мажот ѝ постојано се лутел и ја терал да работи, ама таа ич не го слушала. По некое време, мажот ѝ одвај ја натерал да му преде конец за да му сплете кошула. Во еден празничен ден, жената отишла в црква и таму почнала да им се фали на другите жени дека му предела на мажот ѝ нова кошула. Кога се фалела, се погодило крај неа да помине мажот ѝ, па таа му рекла:
           ─ Мили мажу, мили три-кошулнику!
           Тој, кога го чул тоа, се свртел кон неа и ја прашал:
          ─ Зошто, жено, ми велиш три-кошулник? Јас немам три кошули, туку имам само една!
          А таа му одговорила:
           ─ Една, мажу, што ја носиш; една ти предам - две; и една наумив да ти предам - ете ти три кошули!
                                               

Мрзливиот овчар 
            Еден овчар цел ден остригол само три овци. Штотуку се смрачило ѝ свикал на жената си:
             ─ Жено мори, брзо запали една борина и ела светни ми да острижам пет-шестнаесет, оти денеска само три остригов. Ајде, брзо светни ми да острижам пет-шестнаесет за еден час.
             ─  Дејди мажу, дејди душко, цел ден три острижа, па сега пет-шестнаесет! Фали ме усто, оти ќе те раскинам.
                               

„Кој го украде сеното, тој ја има мувата на капата“

           Некој човек си имал сено во племната. Друг му се навртел, та му го крадел. Стопанот на сеното, од ден на ден гледал, оти сеното му се намалувало и оти некој му крадел, ама не можел 
да разбере кој бил арамијата. Таму бил и стопанот на сеното и арамијата.  Стопанот не знаел сигурно дали навистина бил тој или некој друг. Се отворил збор меѓу нив за крадењето сено и за тоа кој ќе биде тој што го крадел? За да дознае кој е арамијата, стопанот им рекол: „ Сега јас ќе го најдам арамијата“.
         „Тој што го украде сеното, рекол тој, си ја има мувата на капата!“ И навистина тој час арамијата мавнал со раката по капата за да си ја истера мувата, без да се сети оти ќе го познае. Стопанот в часот го познал и викнал: „Ете, како го познав и го најдов арамијата“ - и го фатил за рака.