Крале Марко е најголемиот јунак во народното творештво на Јужните Словени: за него, постојат голем број легенди и преданија, а тој е и најопеаниот јунак во народната епска поезија. Притоа, во народните песни, Крале Марко е опишан како јунак со необични особини и со огромна, неверојатна сила, која ја стекнал уште од раѓањето.
Марко купува сабја
Личба личат три млади телали;
личба личат низ виша Стамбола;
продаваат една остра сабја.
Скапа цена за сабја сакаат,
ми сакаат девет стотин дукати
за телали уште деведесет.
Ми дочула Ѓурѓа самовила
и си зела сурега елена
си го зела за коња брзега
узенгии до две лути змии
жолта смока за камџија.
Негде-годе елен удираше,
три саати пред ветар бегаше,
тук да втаса во града Прилепа.
Да му каже Марку Кралевиќе.
Станал Марко на нозе јуначки
и си земал своја брза коња
и си земал жолтите дукати
си ја зеде Ѓурѓа самовила.
Дури ми се зора обзорила
ми дојдоа во града Стамбола,
ми купија таа остра сабја
што се дипли дванаесет дипли,
што се носи во бела пазува,
што ми сече дрво и камења.
И за ручек назад се вратиле,
вратиле се во града Прилепа.
Уште толку крчма ми испиле
пријатели, верни побратими.
Силата на Крале Марко
Шедба шетат Марко Прилепчанец,
шедба шетат замја по краина.
Ми пријавнал коња шаренаго;
дебелаго коња, кршигоро!
Ми наложил самура калпака,
на калпака до три огледала,
а под ними перја паунови;
Ми засукал мрка мустакина
-еден мустак до три руна црни;
ми намуртил очи соколови
и над ними вежди пијавици,
како црни крилја ластовички.
Ми опашал сабја дипленица,
што се диплит дванаесет пати,
што се носит коњу во гривата,
и ми сечит дрвја и камење.
А на седло богме ми приврзал,
што приврзал тешко боздугана,
што е тешка шестотини ока;
в рака држи оно бојно копје,
ко јасика тенко извишено;
се наметнал с гуња кабаница
ми црнеет како темен облак!
Си разиграл коња пеливана;
се затресла кутра црна земја.