Страници

10. 11. 2011.

Балада и романса

💬Балада
Балада е лирско-епска песна со епски и лирски елементи што со многу чувства опева некој настан кој често завршува трагично.
Баладата се појавила во XV век, во средновековната литература.Баладата може да биде народна и уметничка.Темите во баладите се поврзани со народните преданија, легенди и суеверија, но има и реалистични мотиви. Во баладата има судир на спротивности, доброто наспроти злото, љубовта наспроти омразата.
Македонската народна литература е преполна со преубави балади што најчесто се придружени со мелодија. Во уметничката литература балади пишувале: Кочо Рацин, Ацо Шопов, Блаже Конески, Славко Јаневски и др.


   👇  1.Народна балада
Имала мајка до девет сина
Имала мајка, имала,
до девет сина убави,
десетти грозен Ѓоргија,
Ѓоргија беше болничав.
Мајка на Ѓорги говори,
мани се Ѓорги од куќа,
да не ми грдиш дворои,
да не ми ругаш синои,
и високите сараи.
Ѓоргија мајка молеше,
дробни си солзи ронеше,
оф леле стара мајчице,
не ли сум уште малечко.
Пусти патишта ќе згрешам,
во гора ќе се изгубам,
ѕверои ќе ме изедат,
без тебе мале ќе бидам.
Мајка на Ѓорги говори,
мани се грозно глупаво,
мани се веќе од куќа,
више те мајка не сака.
Виде, не виде Ѓоргија,
дека го мајка не сака
пак мајка си ја замоли,
дај ми ги мале пљачките,
крпено и некрпено,
татко ми што ми ги кроил,
за убав ден и Великден,
Мајка му пљачки исфрли,
Ѓорги од куќа излезе,
Кога ми Ѓорги излезе,
Луто си мајка проколна,
Оф леле стара мајчице,
Кога од двори ќе излезам,
Црната чума да влезе,
Сараи да ти побута,
Дворои да ти запусти,
Синои да ти потепа,
Сама ти мајче да останеш,
и за Ѓоргија да кукаш.
Шетал си Ѓорги по гори,
по гори и по планини,
слегна си долу селата,
ценил се Ѓорги овчарче,
Слугувал девет години,
печалил Ѓорги печалил,
до триста овци јаганца,
станал ми Ѓорги чорбаџи.
Еднаш се Ѓорги нажалил,
за своја стара мајчица,
за девет браќа убави,
и високите сараи.
Собрал си Ѓорги овците,
кинисал Ѓорги пристигнал.
Кога ми дома пристигнал,
мајка пред порти седеше,
и за Ѓоргија кукаше.
Ѓорги на мајка говори,
Оф леле стара мајчице,
имаш ли конак за мене,
ноќеска да си преноќам
па утре ќе си земинам.
Мајка го Ѓорги не позна,
па му на Ѓорги говори,
оф леле синко делија,
имав конаци високи,
и дворои широки,
и девет сина убави,
десетти беше Ѓоргија,
Ѓорги ми беше болничав.
Јас си на Бога погрешив
Ѓоргија си го испадив,
Кога ми Ѓорги излезе,
Луто ме мене проколна,
Како ме Ѓорги проколна,
Пуста ме клетва достаса,
Каде е сега Ѓоргија,
Да си го мајка прегрне,
мајкини гревои да прости,
белки ќе мајка да пукне.
Ѓорги на мајка говори,
Јас сум ти мајко Ѓоргија,
Ѓоргија мајко, најгрозен,
најгрозен мајко, болничав,
Тогаш го мајка прегрна,
дробни си солзи пророни,
прегрна мајка, целувна,
и пукна мајка, од жалост
.

👇Задача по баладата „Заљубиле се две луди млади“(од учебникот)
 
1.Каков настан опеал народниот пејач?
2.Опиши ја љубовта на младите!
3.Кој се спротивставил на љубовта?
4.Што сѐ сторила за да ја уништи љубовта на младите?
Наброј ги поетските слики!
5.Во што е олицетворена љубовта на момчето и девојката?
6.Кои се лирски, а кои епски елемeнти во песната?
7.Анализирај ја структурата на песната!
8.Кои стилски фигури ги откри?


💬Романса
Романса е лирско -епска песна со ненадејни пресврти во дејството и неочекувани решенија, најчесто со љубовна тематика и со среќен крај.
Во народните романси се слави љубовта која по низа перипетии се остварува.
Една од најубавите народни романси е ,,Стојан и Лилјана“, која е ппридрушена  и со мелодија, позната како ,,Учи ме мајко карај ме“
Дел од текстот:
Еееј, учи ме мајко карај ме
како да ја земам Лилјана
Лилјана мома убава
Лилјана тенка висока
Лилјана бела црвена
Лилјана ситен босиљок
Лилјана една на мајка.
Учам те синко карам те
како да ја земиш Лилјана
повикај триста мајстори
направи чешма шарена
наврати вода студена
сите селани ќе дојдат
и Лилјанини другарки
ем сите калеш невести
белким Лилјана ќе дојде.
Послуша Стојан мајка си
повика триста мајстори
направи чешма шарена
наврти вода студена
сите селани дојдоа
и Лилјанини другарки
ем сите калеш невести
кучка Лилјана не дојде.

,,Учи ме мајко карај ме“ во изведба на,, Леб и сол“
 
            За осмо одделение!!!
 Целосниот текст на ,,Стојан и Лилјана“

         Стојан и Лилјана
-Учи ме,мајко,карај ме,
како да земам Лилјана,
Лилјана мома убава:
Лилјана ситен босилок,
Лилјана розов карамфил,
Лилјана црвен трендафил.
-Учам,те сину,карам те,
како да земеш Лилјана,
Лилјана мома убава.
Слегни си долу чаршија,
купи си ѕевгар волови,
изорај рамни дворови,
посеј си бела пченица,
повикај моми на жетва,
Лилјана мома ќе дојде.
Слегна ми Стојан в чаршија,
купи си ѕевгар волови,
изора рамни дворови,
посеа бела пченица.
Дошло ми време за жетва,
поканил Стојан момите.
Сите си моми дојдоа,
Лилјана мома не дојде.
-Учи ме, мајко,карај ме,
како да земам Лилјана,
Лилјана мома убава:
Лилјана ситен босилок,
Лилјана розов карамфил,
Лилјана црвен трендафил.  
-Учам те,синко,карам те,
како да земеш Лилјана,
Лилјана мома убава.
Слегни си долу чаршија,
нафаќај калфи, мајстори,
направи чешма шарена,
шарена чешма средсело.
Сите ќе моми да дојдат,
ќе дојде мома Лилјана.
Слегна си Стојан чаршија,
нафаќа калфи,мајстори,
направи чешма шарена,
шарена чешма средсело.
Сите ми моми дојдоа,
Лилјана мома не дојде.
-Учи ме, мајко, карај ме,
како да земам Лилјана,
Лилјана мома убава:
Лилјана ситен босилок,
Лилјана розов карамфил,
Лилјана црвен трендафил.  
-Учам те, синко, карам те,
како да земеш Лилјана,
Лилјана мома убава.     

Слегни си долу чаршија,
нафаќај калфи, мајстори,
направи црква убава,
порачај света причесна.
Сите ќе моми да дојдат,
Лилјана мома ќе дојде.


Слегна си Стојан чаршија,
нафаќа калфи, мајстори,
направи црква убава,
порача света причесна.


Сите ми моми дојдоа,
Лилјана мома не дојде.
-Учи ме, мајко, карај ме,
како да земам Лилјана,
Лилјана мома убава:
Лилјана ситен босилок,
Лилјана розов карамфил,
Лилјана црвен трендафил.  
-Учам те,синко,карам те,
како да земеш Лилјана,
Лилјана мома убава.     
Стори се, синко, мртовец,
сите ќе моми да дојдат,
белки ќе дојде Лилјана.
Се стори Стојан мртовец.
Мајка му почна да плаче,
да плаче, жали Стојана.
Сите ми моми дојдоа,
шарени китки носеа,
бели си свеќи палеа,
ситни си солзи ронеа.
Се ражали мома Лилјана,
купи си свеќа восочна,
набра си цвеќе убаво,
Стојана да го испрати.
Кога на врата застана,
мајка Стојану заплеска:
-Стани ми,стани,Стојане,
Лилјана мома ти дошла,
Лилјана да те испрати.
Стојан си мустаќ помрдна,
рипна на нозе јуначки,
зграби си мома Лилјана.





      Јанка Влахинка
 Прочу се Јанка Влахинка
дури до Стамбол коприна,         
со хубавина не толко,
ја со работа три толко.
На ден везе по махрама,
на ноќ преде по кошула.
Ја дочу Марко трговец,
па ми се чуди,двоуми
како да Јанка измами.
На мајка си и' говори:
-Мале ле стара мајчице!
Што ми се е мома дочула
со хубавина не толко,
ја со работа три толко.
На ден везе по махрама,
на ноќ преде по кошула.
Как да ја, мајко,измамам?
-Сину ле,сину ле,млад Марко!
И това ли кахар береш?
Прекупи си чиста свила
и клабодан срмајлија.
Сите ќе дојдат да купат,
Јанка ќе Влахинка да дојде.
Како го мајка научи,
си прикупи чиста свила
и клабодан срмајлија.
Пушти гемија по море,
Извикна Марко,провикна:
-Елате,свила евтина!
Сите девојки дојдоха,
нема е Јанка да дојде.
Па ми си чуди млад Марко
што нема ја Јанка да дојде!
Кога вечер над вечер,
ето ја Јанка кај иде
со дванаесет робинки,
со тринаесет алајки.
Робинки и' поли крепеха,
алајки и' друм метеха.
Оддалек иде и вика:
-Трговец,млади трговец!
Тргни гемија на сухо,
свила да одбереме.
Ја Марко ли и' говори:
-Мене ме мајка заклела
надвор гемија да не вадам.
Па си измами Јанинка,
она си влезе в гемија
и Марко тегнал гемија по море,
и си грабна Јанинка.


Баладата и романсата се лирско-епски песни.Учениците од осмо одделение успешно ги совладуваат овие содржини.За сите љубопитници, еве, споредба на балада и романса
 
                                                       
                                         
 Споредба на баладата,,Заљубиле се две луди млади" со романсата,,Стојан и Лилјана"
    Македонската народна литература е бела нива посеана со црно семе, ковчег преполн со разни видови песни, приказни, поговорки, гатанки... Во тој драгоцен ковчег, во таа македонска ризница значајно место имаат баладата и  романсата. Баладата е полна со чувства што се предизвикани од судирот на спротивности меѓу доброто и злото, љубовта наспроти омразата, а трагиката е најприсутен елемент. Романсата не носи низ многубројни пресврти во дејството, неочекувани решенија, љубота е централна тема што завршува среќно за главните актери. Љубовта боли, љубовта е лек! Оваа мисла е доминантна во овие лирско-епски песни. Во баладата „Заљубиле се две луди млади", младите страдаат од љубовта што е забранета, а во романсата „Стојан и Лилјана", Стојан ја обожува, љуби преубавата Лилјана. И во двете песни клучен фактор е мајката-маќеата, во баладата ја спречува љубовта, а во романсата ја поттикнува и потпомага.
   Морбидни слики ја пратат баладата: маќеата купува отров, ги труе заљубените, па и во смртта ги разделува закопувајќи ги на две различни страни. Во романсата мајката му помага на Стојан, кој бара совет од мајката како да ја придобие љубовта на Лилјана:
                                    ,,  -Учи ме,мајко,карај ме,
                                             како да земам Лилјана,
                                             Лилјана мома убава:
                                             Лилјана ситен босилок,
                                             Лилјана розов карамфил,
                                             Лилјана црвен трендафил."
            Настаните се редат еден по друг. Лошата маќеа ги сече лозницата и трендафилот што во прегратка ја остваруваат љубовта на двајцата млади, ги пали, а потоа закопува во градината, сакајќи да ги избрише сите  траги на таа вечна љубов. Мајката го советува Стојан да посее бела пченица, да направи чешма шарена, да изгради црква голема, па љубовта кон Лилјана ќе се оствари.  Финалето на двете песни низ една градација, народниот гениј експресивно ни го претставил. Маќеата физички ги уништила младите и нивната љубов, но босилокот останува како симбол на една вечна љубов-љубовта не умира. Стојан ја остварува саканата цел, преправајќи се мртовец, успева да ѝ го стопли срцето на гордата и преубава Лилјана. Иако на еден, за нас можеби невообичаен начин, но за тоа време специфичен, а грабнува Лилјана и сонот му се исполнува. Преку овие песни, народниот пејач сака да ни порача дека љубовта е вечна, таа е свеќа која не догорува.

17. 10. 2011.

Македонските учебникари


                               Македонските учебникари
Идејата за создавање македонски литературен јазик си има свој континуитет.Доказ за тоа е и појавата на македонската учебникарска дејност од 19 век.Иницијативата за пишување македонски учебници на македонски
(народен) јазик била оневозможувана од страна на грчката и бугарската страна кои го наметнувале своето влијание во Македонија.
Учебникарството претставува значаен фактор во развојот на македонската културна и национална посебност.
Учебникари
Партениј Зографски(Галичник,1818-Цариград,1876)
Еден од најистакнатите учебникари,фолклорист,филолог,прв македонски митрополит.
Роден како Павле Тризлоски,син на Доста и Василко.
Првото образование го добил во манастирот Св.Јован Бигорски,а потоа во Охрид бил ученик на Димитар Миладинов.Се образувал во многу градови
(Солун,Атина,Одеса,Киев,Москва,Цариград),а се замонашил во манастирот
Зографски(на Света Гора,1842г.)под името Партениј.
Неговиот животен пат е врзан за Бог и за сопствениот народ.
Партениј Зографски се залагал за создавање македонски литературен јазик врз основа на западномакедонските говори.
Познат е неговиот став:
,,Учи напред книга на свој јазик,после ако имаш време,учи и на други јазици.
Тој што учиткнига толко на туѓ јазик,а не на својот,тој е еднаков со оној што ја отфрлјат мајка си и на место неја земат друга“.
Автор е на многубројни дела врз кои се созддени темелите на граматиката на македонскиот јазик.
Ѓорѓи Пулевски(1817,Галичник- 1893,Софија)
Ѓорѓи Пулевски бил учебникар,писател,лексикограф,воен водач.
Тој е автор на првата печатена македонска граматика и автор на еден од првите речници на македонски јазик.
Тој е роден во селото Галичник и од печалбар-ѕидар го продолжува својот живот низ разните ослободителни војни и востанија во целата втора половина на 19 век.Тој се бори за слобода на својот народ(истакнат комита) ,но и на другите балкански народи.
Учествува во Српско-турската војна,Руско-турската војна(добива орден од Русите).Учесник во познатото Кресненско востание каде се бори за слобода на
Македонскиот народ.
Ѓорѓија Пулевски  е учебникар,лексикограф,граматичар,етнограф,фолклорист,
историчар.
Дела:
1.Речник од четири јазика,Белград,1873год.
Тријазичникот
 2.Речник од три јазика(тријазичник),Белград,1875год.
3.Патриотско-политичка поема,,Самовила македонска,1879год.
4.Македонска песнарка(стихозбирка),1879 год.
Еве некои стихови напишани на чист македонски јазик:
,,Пособрал Стојан понабрал до
седумдесет дружина.Сви седумдесет
Јунаци,со седум бељи бајраци.Во стреде
Македонија“
5.Слогница речовска,1880 год.,прва публикувана граматика на македонскиот јазик.
Во неа внесол јазични црти од централното наречје со елементи од словенската писмена традиција,со интересна лексика,изразито македонизирана.
6.Славјанско-маќедонска општа историја,1892,Софија
7.Јазичница,Софија,прирачник за изучување на македонскиот јазик.
Во 1888год. во Софија ја формирал Словеномакедонската дружина,како дел од неговото дејствување среде македонската емиграција.

23. 9. 2011.

Григор Прличев


За Григор Прличев
Григор Прличев е еден од најталентираните и најпродуктивните македонски писатели од времето на борбата за културна преродба. Григор Прличев е роден во Охрид во 1830 година во семејство на екстремно сиромашни луѓе. На негова возраст од 6 месеци, татко му умира и оставени се сами на себе - 4 деца, вклучувајќи го и Григор. Григор Прличев го  започнува своето образование со помош на неговиот дедо кој го научил како да чита, а подоцна  почнува да оди на училиште во Охрид. Наскоро тој станува ученик  на многу добро познатиот  во тоа време македонски собирач,учител, Димитар Миладинов, и со негова помош тој добива солидна едукација.

Григор Прличев- работа
Григор Прличев работи како учител одреден период за  подоцна да  отиде во Атина да студира медицина. Но, тој сака  повеќе да  пишува и да  твори, отколку да студира медицина.  Тој се откажува од студиите и се враќа на својата стара љубов.Резултат на неговата љубов е неговата позната поема  ,,Сердарот"-1860, со која  победи  на литературниот конкурс во Атина и доби Ловоров венец.

Книгата е оригинално напишана на грчки, затоа што тој ја  напишал во Атина, со цел да учествува на литературниот конкурс.Тој одбива стипендија за Оксфорд и Берлин и решава да се врати во родниот град. Веста  за трагичната  смрт на Браќата Миладиновци,Константин  и Димитар  го поттикнува  револтиран  да се врати назад во Македонија, да учествува во борбата за културна преродба,а против грчкото влијание во црквите , училиштата и др.. Поради неговате патриотски  сфаќања и побуди, тој завршува во затвор во Охрид и во Дебар. Работи како учител низ повеќе места во Македонија.
Неговото литературно дело е значајно и поради поемата ,,Скендербег“како и Автобиографијата.
Григор Прличев ги има поминато, последните години од својот живот во Солун(Солун), каде што ја напишал неговата биографија. Григор Прличев почина во неговиот роден град, Охрид во 1893 година.


   Од Википедија
. Сердарот (грчки: Ο Αρμάτωλος) е најпознатото дело на македонскиот поет и преродбеник Григор Прличев. Делото е напишано во 1860 година, а на 25 март истата година тоа учествува во натпреварот за најдобра поема на грчки јазик (што секоја година се одржувал во Атина), и ја добива наградата Ловоров венец, како и парична награда. Поради силниот впечаток што го оставила оваа поема, Прличев бил наречен Втор Хомер. Наградата не останува долго во негови раце, затоа што одбива да се изјасни како Грк и да ја прифати стипендијата за студии во Берлин  или Оксфорд. За успехот што го направил со Сердарот, Прличев во својата                        Автобиографија, ќе каже:

... тогаш усетив во мене неописиво волнение, какво што никогаш не сум осетувал. Тогаш никој не би ме познал: бев надвор од себеси. Очигледно, мој беше венецот 

Поемата е оригинално напишана на грчки јазик, под насловот О Арматолос (Ο Αρματωλος), но при крајот на животот Прличев ќе направи обид да ја преведе на Македонски јазик. Единствениот зачуван дел од авторовиот превод се следниве стихови (се гледаат јасни отстатоци одстарословенскиот јазик):
Плачам тътнет Галешник народным.
Кто зло вас, братие, постигло?
Иль плоды вам град побил немирный,
иль стада вам звере потребили?
Ни плоды нам град побил немирный,
ни стаса нам звере потребили,
нь сгубили люты арнауты
наша слава Кузмана Сердара,
десна ръка Джеладимбегова,
и нам тъпчят скверными ногами
гъсты горы, прежде непристъпны.
Така с рыданъем инвари вещали
и жены их драпали си лица
с писком....

                                               
Карактеристики на делото

Во основа, во Сердарот се раскажува за смртта на македонскиот херој Кузман кој ги заштитувал селаните од бандите на Гегите. Дејството во оваа поема се случува кон средината на 19  век во западна Македонија, односот регионот помеѓу Галичник, Река, и селото Стан.. Писателот Борис Вишински во својот предговор кон второто издание на Арматоло систакнува:
Тоа е поезија на еден народ што се бори против угнетувањето и против силите на злото. Поемата е проткаена со љубов кон татковината и со дух на самопожртвување... Живо ги одразува страдањата на своите сонародници, кои се борат против бандите на ограбувачите во услови на отоманскиот гнет 
Базирана врз мотивот на народната песна за Кузман Капидан, темата на поемата се развива во девет делови. Првиот дел, од девет четиристишија, со рима  (по два стиха) е веста. Известува за смртта на херојот и битката. Во вториот дел се јавува мајката на Кузман Капидан и таа очекува да се врати нејзиниот син. Таа е вознемирена, зашто сонувала како и се руши куќата. Во третиот дел, непријателите ги носат посмртните останки на херојот и започнува плачот . Се слушаат пискотници од Галичник во Река (алузија на жалоста на народот):
Пискотници се слушаат од Галичник во Река.
Што тешка несреќа ги збра,
и мажите и жените та гласи тажна ека
и навева сал коб и зла?
а тоа ги потресува и непријателите. Во четвртиот дел е прикажана борбата на Кузман кој ги растерал напаѓачите и неговата смрт. Во петтиот дел напаѓачите му оддаваат почит на Кузман со тоа што се заколнале дека нема да го напаѓаат неговиот дом. Мајката на Кузман ја отфрла заклетвата и бара од напаѓачите да не го напаѓаат повеќе народот на Река. Непријателите се согласиле на барањето. Во шестиот дел е оплакувањето на мајката на Кузман и преку неа се дознава родословното дрво на херојот. Во овој дел се забележува лицето на калуѓерката Цвета, која без солзи го мие и кити херојот, како спротивен елемент на ликот на мајката.
Годините не ја намалиле онаа убост;
на лице свежест се гледа,
младешката сочност
не ја беше сменила грубост.
Таа е кутрата Неда,
Во седмиот дел е мајката на Кузман нредува да се донесат и другарите на херојот и тие да се закопаат со сите почести. Во осмиот дел сцената се одвива во домот на свршеницата на Кузман. Обичаите и налагале да се воздржи од лелеци поради загинувањето на херојот пред нејзиниот татко. Но штом таа останала сама и плачот одекнува горчлив и девојката се откажува од се овоземно за да стане калуѓерка. Деветтиот дел е крајот на делото, во која се истакнува вечната слава на Кузман во иднината, преку посетите на неговиот гроб од страна на неговата свршеница и преку пеењето на слепиот пеач.
На гусла двоструна свирејќи, покрај патот седнал,
го пее ова просјак сед;
а јас, пак, прост запишувач, минејќи тука еднаш
го запишав од ред до ред.

12. 9. 2011.

Браќата Миладиновци

Константин Миладинов
Браќата Димитар (Струга, 1810 - Цариград, 23 јануари 1862) и Константин (Струга, 1830 - Цариград, 18 јануари 1862) Миладинови се основачи на националната преродба во Македонија од средината на деветнаесеттиот век.
Димитар Миладинов
Димитар и Константин се родени во семејството на грнчарот Ристе Миладинов и неговата сопруга Султана Миладинова, од осумте деца, шест синови (Димитрија, Тане, Наум, Мате, Апостол и Константин) и две ќерки Ана и Крста.
Браќата основно училиште завршиле во Струга, а подоцна и гимназија во Јанина, денешна Република Грција.Најмалиот брат, Константин, дипломирал во 1852 година на Филозофскиот факултет во Атина, отсек грчка филологија.Со диплома на учители браќата се вратиле во родниот крај каде учителствувале во повеќе места. Во училиштето во Охрид, Димитар Миладинов се сретнал со познатиот руски научник, славистот Виктор  Иванович Григорович. Оваа средба била пресудна Миладиновци да почнат да се занимаваат и со собирачката дејност-собирање и запишување на македонски народни песни и други умотворби, кои подоцна ги отпечатиле во еден голем Зборник. Во таа дејност се вклучил и средниот брат Наум Миладинов.
Куќата на Браќата Миладинови

Димитар Миладинов,  често доаѓал во судир со гркоманите во Битола, а по еден таков судир со битолскиот митрополит Венедикт, тој ја напуштил Битола и Македонија. Димитар притоа работи како учител во влашкото училиште во  село Трново близу Битола, наследувајќи го дедо сѝ. Во Сремски Карловци и Нови Сад имал прилика да се запознае со животот на Србите под Австро-унгарска власт, каде уживале потполна културна автономија. Подоцна заминал во Белград. При престојот во овие краишта, тој се запознал со идеите на Пансловенизмот и Илирското движење, кои во потполност ги прифатил како свои. При крајот на 1856 година, Димитар Миладинов се вратил во Струга и го испратил братот Константин во Русија да студира словенска филологија на Филозофскиот факултет при Императорскиот универзитет во Москва.
Имајќи го собраниот материјал од народни умотворби, Константин целосно се ангажирал во реализирање на идејата за нивно печатење. Работејќи на редактирање на песните и другите народни умотворби и нивно подготвување за Зборникот, Константин и самиот почнал да пишува поезија. Поетското творештво на Константин Миладинов, иако скромно, само петнаесет песни, го става на пиедесталот на македонската нова литература како основоположник на македонската уметничка поезија. Со песната ,,Т’га за југ“, која има 70 препеви на 42 јазици, секоја година се отвораат Струшките вечери на поезијата.
Суровата руска зима и бедниот живот штетно се одразиле врз здравјето на Константин, па во 1859 година тој заболел од туберкулоза. Покрај подмолната и тешка болест, Константин го разочарал и неуспехот во настојувањата да се испечати Зборникот од народни умотворби. Основната причина за непечатењето на Зборникот во Москва е судирот на Миладиновци со Цариградската патријаршија во екот на преродбенската борба.
Во јуни 1860 година, не довршувајќи ги студиите, Константин Миладинов ја напуштил Москва. На пат за дома, во Виена, се сретнал со хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмаер, со кого контактирал уште од Москва, пишувајќи му за намерите за печатење на Зборникот. При оваа средба, бискупот Штросмаер прифатил да го финансира печатењето на Зборникот.
На 24 јуни 1861 година, од печатницата на Анте Јакиќ, во Загреб, излегол од печат Зборникот од народни умотворби на браќата Миладиновци - "Бугарски народни песни, собрани од браќа Миладиновци", дело со речиси 600 македонски народни песни и точно 77 други (отстапени од фолклорист Васил Д. Чолаков).Како што докажува дописката на Миладинов во Москва, се` до печатењето на книгата, таа го носи работниот наслов „Македонски народни песни“ и оваа промена во последен момент е предмет на контроверзии (всушност, насловот „Бугарски народни песни“ за прв пат се спомнува во писмо на Чолаков до Др.Фрањо Рачки кусо пред самото печатење).

Во додаток на речникот, исто така се наоѓа и дел од првиот македонско-хрватски речник што Миладинов го спремал но не го објавил во целост (2000 збора) заради големината на Зборникот.Зборникот побудил голем интерес меѓу славистичките и фолклористичките кругови на словенските земји и Европа што се гледа од имињата на претплатниците на Зборникот.
Константин, пресреќен што животната цел, негова и на неговиот брат, е исполнета, зел неколку примероци од Зборникот и во средината на јули 1861 година го напуштил Загреб, тргнувајќи за родниот крај. Патем се задржал во Белград каде дознал дека неговиот брат Димитар веќе половина година чемрее во турските затвори.Така место за Струга, тргнал директно за Цариград и никогаш повеќе не го видел родниот крај. Набрзо по пристигнувањето во Цариград и Константин бил фатен и фрлен во цариградските зандани.Обвинети како шпиони против кои, според изјавата на официјалните турски власти, се подготвува судски процес, браќата Миладиновци умреле во цариградските затвори, во 1862 година, под засега неразјаснети околности.