26.11.2012.

Љубов и такси

    
13 Ноември,Светски ден на љубезноста
                    
           Пред некој ден се возев во такси заедно со една пријателка.На излегување,мојата пријателка му рече на таксистот:
„Благодарам за возењето.Беше одлично!“
Таксистот за момент се збуни,но потоа рече:
„Добро,Вие, со мене најдовте да се мајтапите?“
„Не,сериозна сум,се чудам како можете да бидете смирен во ваква гужва.“
„Да!?“ одговори возачот и замина.
„Што ти стана?“ја запрашав.
„Се обидувам да ја вратам љубовта во градов“,одговори таа, „мислам дека само таа може да го спаси.“
„Како може една жена да спаси град?“
„Не се работи само за една жена.Да претпоставиме дека му го разубавив денот на таксистот.Замисли тој денес да има уште дваесет тури.Ќе биде љубезен со сите тие,дваесет патници бидејќи некој пред тоа бил фин со него.Тие дваесетмина пак ќе бидат пољубезни со своите вработени,келнери или продавачи или ако ништо друго со своите семејства.На крај добрата волја ќе може да се прошири дури на илјада лица.Ова не е лошо,нели?“
„Но, ти зависиш од добрата волја на таксистот.“
„Па,не е баш така“,рече мојата пријателка.
„Јасно ми е дека системот не е сто проценти.Но, јас во денот ќе се сретнам со
десет различни луѓе.Ако од тие  десет ,успеам да направам среќни барем тројца ,тогаш ќе можам индиректно да влијаам на ставот на три илјади луѓе.“
„Ова убаво изгледа на хартија“,признав, „но не сум сигурна дека така функционира и во пракса.“
 „Не можеш да изгубиш нешто што немаш.Јас не изгубив ништо со тоа што му кажав на таксистот дека е добар.Не му платив ни помалку ни повеќе.Таксистот не ме разбрал,па што?Утре ќе дојде друг таксист.Ќе се обидам повторно“.
„Ти навистина си откачила!“-и` реков.
„Ова покажува колку си станала цинична.Јас за ова имам направено цела студија.“
Во тој момент поминувавме покрај едно градилиште каде што петмина работници ручаа.Мојата пријателка застана:
„Алал да ви е мајстори!Каква работа сте завршиле!Сигурно не ви е лесно.“
Мајсторите ја погледнаа сомнително.
„Кога ќе биде готова зградата?“
Еден од работниците промрмори:„Јуни.“
„Секоја чест.Треба да се гордеете.“
Си заминавме.Јас и` реков:„Се` до денес мислев дека Дон Кихот е измислен јунак“.
„Не брзај.Кога тие луѓе ќе го сфатат тоа што им го реков ,ќе се чувствуваат подобро.На некој начин,градот ќе има корист од нивната среќа.“
„Ти не можеш сама да го правиш ова“,протестирав, „ти си сама..“
„Најважно е да не се обесхрабруваш.Да ги натераш луѓето да бидат љубезни не е лесно,но ако успеам да вклучам и други луѓе во мојата кампања....“
Во тој момент следеше ново изненадување.Покрај нас помина сосем обична жена.Мојата пријателка љубезно ја поздрави и и` рече дека има убави чевли.
Жената се изненади,но не се збуни и продолжи,вниманието,очигледно и` годеше.
Јас застанав прашално и ја погледнав мојата пријателка во очи.
Таа се насмеа и ми одговори:
„Да,знам.Но замисли дека таа е учителка.Нејзиниот клас ќе има прекрасен ден.“

Забелешка:Текстот е преземен од една од работилниците на проектот ПХВ(Промоција на хумани вредности).Еден од најдобрите и најкорисни проекти во кои сум учествувала.

       

13.11.2012.

Стилски изразни средства - стилски фигури

 Стилските изразни средства-стилските фигури имаат посебна убавина,вредност и значење.
За да се анализира една литературна творба потребно е познавање на стилските изразни средства.
Некои стилски изразни средства кои се изучуваат во основното образование:
1.Епитет
                Белиот ориз 
         Ден сјаен стапил  в матни води 
         и сејач во нив стапи.
         Зад боси нозе траг се роди
         од матен бран се напи. 
                       Србо Ивановски

Епитет е стилско изразно средство(збор) што стои до некој збор(најчесто до именка) и открива некоја битна особина на предметите,појавите или чувствата искажани со именката.
Епитетот е украс.
За епитети најчесто се употребуваат придавките(сино небо,влажна пролет).Во функција на епитет се јавува и именката(,,Се рути карпа мрак“-Кочо Рацин)
Епитетот може да биде пред именката(матни води) ,а се пишува и по именката(ден сјаен).
Обичен епитет(банален):стара баба,сладок мед;
Постојан епитет:гајтан веѓи,лута змија,пуста печалба,вода студена).Најчесто се користат во народната литература и стојат со определени именки сраснати со нив.
Алогичен епитет:(езерска девојка,езерско вино-Билјана-Трајан Петровски) Нескојдневно и необично истакнување на основното значење на именката.

2.Компарација(споредба) 
                          Последен лист
                  На гранката сув и последен лист
                  како златник се злати,
                  трепери  тивко,последен поздрав
                  сака да прати...
                           Душко Аврамов
Компарација(споредба) е стилско изразно средство со кое се врши споредување врз основа на некои заеднички особини.Се споредуваат предмети,лица,поими ,чувства.
Компарацијата има три члена:А      е       како   Б
                                                         Заби бели како снег.

Примери:
            ,,Но загука негде гулабица бела-
              болно,ко да колне од нечија стреа.
            ... крвта в нежна жица-румена и танка
              се ткаеше в перје,ко вез в бела свила.“
                          Песна за гулабот-Славко Јаневски

             ,,Твоите очиња детски
               наместо радост да зрачат
               станале темни и тажни,
               како облачиња плачат.“
                       Злате-Живко Николовски
              ,,Појдете само крај некоја река-
              и таму е сонцето,седи на брегот
              и како рибар стрпливо чека.“
                     Игра со сонцето-Видое Подгорец

              ,,Охридски извор чист како солза
               на него белат момите платно.“
                     Радосници-Србо Ивановски

3.Персонификација 

                        Дожд
               Дождот тапани на сите страни,
               ветерот труби,
               раскласуваат водите во вирчиња збрани,
               а секој клас веднаш е губи.
                          Михо Атанасовски
Персонификација е стилско изразно средство  со кое на предметите ,природните појави,апстрактните поими,на животните или на растенијата им се даваат човечки особини.
Примери:
                 ,,Октомври шета вечерва низ градот“
                       Разговор со Делчев-Гане Тодоровски
                ,,Кротко темницата дише во сокачето“
                       Старата -Блаже Конески
               ,,Длабоко дишат широко ниви“
                       Радосници-Србо Ивановски
         

4.Ономатопеја 
                   Зимско утро
             Под мојот прозорец
             и денеска цвркоти и си рипка
             шалава сипка:
             Сип,сип,сип!
                    Блаже Конески
Ономатопеја е стилско изразно средство со кое се имитираат звуци од природата,гласови на животни,разни шумови.
 Примери:
            ,,Девојчето извади едно чкорче и ,,фрррц“!Ама блеска,ама гори!“
                   Девојчето со кибритчињата-Ханс Кристијан Андерсен
           ,,-Ауу,ауу...ајде га бегаме!-завиваше волкот.
             -Гра-гра-гра...Каде?Зошто?-го запрашала страчката.“
                   Волкот и страчката-Македонска народна приказна

Звук           глагол         именка
зу-зу           зуи              зуење
брм-брм     брмчи          брмчење
шу-шу        шушка         шушкање
цр-цр         црцори         црцорење
Со ономатопејата се создаваат живи слики.

5.Метафора
                        Без јазик си никој и ништо
                    Родниот јазик е бисерен ѓердан
                    од зборови -плодови сочни.
                         Видое Подгорец
Метафора е стилско изразно средство со кое еден збор или поим се заменува со друг,според некоја сличност.Метафора или скратена компарација.А е Б
 Примери:
           ,,Наоколу- стебла кршни...
             сред водите мирни сјајни-
             два острова,ко две тајни.“
                         Стара јапонска песна
            ,,Сонцето-среќниот рибар,оди по патот.
                         Игра со сонцето-Видое Подгорец
           ,,Ја излези, јунакова мајко,
             па погледни доле преко поле,
             да си видиш какво добро иде,
             добро иде,оште подобро води:
             сокол иде -голубица воде.
 
Метафората може да биде именска ,придавска,глаголска(Мама е ангел.Натежнаа оловни облаци.Ме гризна за срце.)
 

6 .Хипербола

           Марко купува сабја
              Дури ми се зора обзорила,
              ми дојдоја града Стамбола,
              ми купија  таа остра сабја,
              што се дипли дванаесет дипли,
              што се носи во бела пазува,
              што ми сече дрво и камење.
                               Народна песна 
 
 Хипербола е стилско изразно средство со кое нешто се преувеличува, се претерува во нешто ,најчесто нечии особини и можности.Таа се употребува и со емоционално значење како во литературата така и во секојдневниот говор.
            Димо и змија голема
         Излегла змија голема
         под рамно поле Видина,
         кога се змија исправа,
         колко две тенки тополи,
         кога се колач виеше,
         колко две гумна широка.
                       Народна песна


Во секојдневниот говор:,,Илјада пати ти реков да дојдеш!“
                                          ,,Ако те удрам,прав и пепел ќе те направам!“
                                          ,,Тонам во море од солзи“
                                          ,,Ќе пукнам од смеа.“

7.Градација

                   Ленка
           Прва година помина
           грутка в срце и легна,
           втора година намина 
           болест ја в гради искина.
           Трета година земјата 
           на Ленка покри снагата.
                     Кочо Рацин


Градација е стилско изразно средство со кое се редат поими или поетски слики постепено по својот интензитет.Се почнува од најслабото чувство,па кон најсилното.Може да се јави и обратно редење на чувствата од најсилно кон најслабо.Во лирската поезија,градацијата е често употребувана бидејќи со неа се зголемува емоционалноста и се збогатува сликовитоста на поетскиот јазик.

    Лилјана,мома убава:
    Лилјана ситен босилок,
    Лилјана розов каранфил,
    Лилјана црвен трендафил.

      Стојан и Лилјана-Народна песна.

8.Рефрен 
           Смешен настан на улицата
           По нашата улица
           протрча виулица ..

           До тротоарот дрвјата се свија,
           заличија на смешни животни
           кога вода на потокот пијат.

           По нашата улица 
           протрча виулица.
                      Србо Ивановски

Рефрен е повторувањето на еден или повеќе стихови во една песна.Некогаш се повторува цела строфа.Со рефренот се поттикнува музикалноста во песната.

9.Апострофа
               Родна земја
   Ој,разиграј,песно моја мила,
   ој,разиграј силно браној диви

   Ој,убава земјо моја родна!
                 Лазо Каровски

Апострофа е стилско изразно средство преку кое поетот се обраќа кон неживи нешта,кон предмети или личности,на апстрактни поими како кон живи суштества.

,, О,времиња,што ве в мрак родот мој минал“ или ,,О тешкото“-Блаже Конески

,,За јазикот,роде, ќе ти пеам,
  за јазикот над кој вечно бдеам“ -Кон родот за јазикот-Петар Прерадовиќ


 ,,Спиј,пушката ти е изморена од олово
 о,Војводо.“
              Тажачка за војводата-Ефтим Клетников
10.Иронија  
 Иронијата е изразно средство во кое со замена на два поима се изразува потсмев кон некого или нешто. 
Или:Стилска фигура со која се исмејува некој или нешто во форма на привидна  согласност или пофалба 
  Тогај рече Марко Крале:
”Бог те убил, црна Арапино!
  Ал’ се смееш, ал’ навистина маваш,
  ал’ од кожува правот ми го тресеш?“

Марко Крале ја одменува свадбарината

Или во секојдневниот говор:Ти си ми навистина добра другар(а мислиме лош)

11.Симбол

  Тргнуваме в гора,бо борба,о,мамо,
    да огрее сонце над целиот свет.
                („Мајка“-Лазо Каровски)
Симбол е стилско изразно средство со кое имињата на конкретните предмети или животни,како и имињата на одделни појави во природата се земаат како знаци,како слики за да се искаже мислата позбиено посликовито.Симболот е знак за некој поим или група поими.
Во примерот,сонце е симбол на слободата.
Примери:
  „Од исток
    бел галеб стреловито долетува
    со крилја позлатени
    и белина донесува на сцената.“
             („Утро“-Генади Болиновски)
   галеб-симбол на утрото

„Два конца парај од срцето,драги,
  едниот црн е,а другиот црвен
            („Везилка“-Блаже Конески)

црн конец-симбол на маката,тагата,ропството
црвен конец-симбол на копнежот,борбата за слобода

Во секојдневниот говор и во литературата се употребуваат постојани или општи симболи.
Пр.
срце-симбол на љубов
Гулаб со маслиново гранче-симбол на мирот
 


 
 






Секоја држава си има свои  симболи:грб,знаме и химна
Државен грб на РМ





                     
Знамето на Македонија

Стилски фигури
 










07.11.2012.

,,Тешкото“-Блаже Конески


    „Тешкото“ на симболичен начин преку националното оро, карактеристично за нашиот народ, ни ги прикажало вековните страдања, измачувања и стремежи да се биде слободен.Бунтовноста е присутна во најтешките моменти на непокорениот македонски народ.
    Поетот започнал со потресното чувство предизвикано од ударот на тапанот и писокот на зурлата-чувство на жал и болка поради нешто недоживеано, нешто изгубено во неколкуте векови.
    Орото го започнуваат старци, а до нив се фаќаат младите и се разгорува неговиот тек-се редат слики на природните убавини на татковината.
              „И во него шуми на реките зборот
                          ...............                                       “
      И не само тоа,во орото е вткаена душата на Македонците.Огорчени и затворени во решетки на темнината и со една единствена искра на надеж(во борбата гледа надеж).Искра која може да прерасне во пламен во кој ќе изгори мрачната сила и ќе го извојува вековниот стремеж-слободата.
              „И душата чиниш на родот мој мачен
                во тешкото оро се уткала сета“
      Понатаму поетот како низ магла се сеќава на генерациите кои минале низ синџирот на ропството, секој до секого, „се` еден до друг во бескрајно оро
                                                                                  син оди по татка,по деда си-внук“
Се редат генерации носејќи во себе една единствена мисла-да бидеме слободни.
       Тој-авторот, визионерски и` претскажал среќна и богата иднина на својата намачена земја.Верувал дека идните генерации во слободната татковина не ќе го заборават тешкото минато.


                                     
        Кој може да остане рамнодушен на звукот на зурлата и ударот на тапанот?

                              Текстот на „Тешкото“
                  

О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот -
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто навирува река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик -
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.

О тешкото! Старци излегуват еве,
на чело им мисла, во очи им влага
и првиот чекор по меката трева
е мирен и бавен, со задржана тага.
Но 'рзнува тапан и писок се крева
и молнија светнува во секој глед,
и напред се пушта, се стрелка, се слева
стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум;
не издржа срце - сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око
-->
не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
и чиниш - се корне стресениот век,
и околу трпнат ридиштата темни
и враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро
со исконска сила за земјава наша
и во него шуми на реките зборот,
и во него рика див ветер и страшен
и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.

И душата, чиниш, на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета -
век по век што трупал сè попуст и мрачен
од крвава болка, од робија клета,
век по век што нижел од корава мисла
за радосна челад, за слободен свет,
од песна - за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет.

О тешкото! Кога во молк да те гледам,
на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш - в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура -
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг -
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си - внук.

Времињата мрачни се нивното поле,
и нивната свирка - на прангите ѕвекот,
а главите им се наведени доле,
и покроце врват - сè чекор по чекор.
О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!

Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
од калеши моми и невести ред.
со врзани раце во плен што ги погнал
насилникот клет.

О тешкото! Синџир ти беше на робја,
дур не стана народ во листена гора,
сè дури со јадот од векови собран
не поведе бујно, бунтовничко оро!
се залула танец низ крвје и огон,
и повик се зачу и грмеж во чад -
те разнесе сегде бунтовната нога
по родниот кат.

О тешкото! Сега по нашите села
во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
зар чудно е - солза да потече врела,
зар чудно е - жалба јас в срце да сетам?!
Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој! 

 На часот за обработка на песната (групна форма на работа), учениците ги напишаа следните податоци.
Структура на песната:
Песната има десет строфи, со по осум стихови.Секој стих има по дванаесет слога освен последниот стих од секоја строфа кој има пет слога.
Според местото во стиховите римата е вкрстена(рани-збрани,усти- пусти).Според местото на акцентот има машка рима(пој-твој),
женска(штура-сура).
Сликовитоста на песната ја даваат големиот број  стилски изразни средства.
На почеток, самата симболика се открива во насловот на песната(орото-мачното вековно минато на народот преполн со страдање, ама и борба за подобро утре).
Апострофата се гледа во емотивниот крик на поетот:,,О тешкото!“
Компарацијата е присутна во повеќе стихови:„да плачам ко дете“; 
„од песна -за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет“
Намерното испуштање на сврзници со цел засилување на емоцијата ни ја дава стилската фигура асиндет:„да превијам раце,да прекријам лик“.
Поетот ја употребил и спротивната на неа, полисиндет(зачестена употреба на сврзници):„и чиниш...
                         и околу...
                         и враќаат ек“
Во следните стихови ја забележуваме покрај полисиндетот и анафората:
„ И во него шуми...
   и во него рика...
   и во него шепнат...“
Прекрасна е персонификацијата во стиховите:
„и земјата дише со пролетна ситост
  со запален здив.“
Метафората ја најдовме во:„не идржа срце-сив сокол во клетка“
За да ја зголеми убавината на песната ја употребил и стилската фигура реторско прашање:„Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
                                          над пустош и крв?“
Големиот број епитети ја потврдуваат маестралноста на нашиот Блаже Конески.
 Пр.  вековно ропство,родниот кат,бунтовната нога,листена гора,калеши моми,
пламнати ноќи,пеплишта пусти.лутите рани,радосна челад,слободен свет...

Научивме повеќе!!
Читајќи го „Тешкото“, откривме дека ритамот во песната  е строг, а објаснивме дека ритмичка стапка(е целина од нагласен и нанагласен слог).Во зависност од бројот на рамномерно нагласени и ненагласени слогови има ритмички стапки од два или три слога.
Јамб(- / )двосложна ритмичка стапка од ненагласен и нагласен слог;
Трохеј( /- )двосложна ритмичка стапка од нагласен и ненагласен слог;
Дактил(/ - -)трисложна ритмичка стапка во која првиот слог е нагласен ,а другите два ненагласени);
Амфибрах( - / - ) трисложна ритмичка стапка во која првиот стих е ненагласен, вториот нагласен, третиот ненагласен);

Во „Тешкото“, поетот ја употребил ритмичкта стапка амфибрах.
     -     /      -   -      /    -        -          /   -     -     /    -
  „О Тешкото!Зурли штом диво ќе писнат“

Анапест( - - /)трисложна ритмичка стапка од два ненагласени и еден нагласен слог.
Тапанот грмнува!!
                        

06.11.2012.

Рима

Римата е гласовно совпаѓање на исти слогови на крајот на два или повеќе стихови.

Според местото на акцентот во зборовите римата може да биде:
*машка(рај-крај);зборот е составен од еден слог.
*женска(мила-свила);зборот е составен од два слога.
*дактилска(долетува-полетува);зборот е составен од три и повеќе слогови.
Примери:
 1.Машка рима
„Пролет,чинам беше-ноќ убава,красна,
  зборевме на сокак со младинска жар,
  за новиот човек што ко сонце јасно,
  ќе изгрее славно на земниот шар.
             („За новата пролет“-Гого Ивановски)
2.Женска рима
„Чуј како стенка ветер низ нашите рамници пусти
  и вала во влажниот дол маглишта-слоеви густи...
  Со пискот летнува гарван и кружи над моето чело.
  матно е небото цело.
           („Во доцна есен“-Воислав Илиќ)
3.Дактилска рима
„Стадо в кавал заљубено
 ѕвоно в песна изгубено
око в божур залудено.
Румено!Румено!Румено!“
           („Залез“-Матеја Матевски)

Според местото во стиховите,римата може да биде:
*паралелна(ако римуваните зборови се во неколку(најмалку два) стихови еден по друг)
*вкрстена(римите се наоѓаат на првиот и третиот стих и вториот и четвртиот стих во строфата)
*обгрлена(римувани се зборовите од првиот и четвртиот стих и вториот и третиот стих)

Примери:
1.Паралелна рима
„Ене го крајот во возбуда сина.
таму детството мое ми мина.
Плачат оние планини за мене!
         („Од возот“-Блаже Конески)
„Стани си уре порано
  дојди си вечер подоцна,
  наутро радост понеси,
  Навечер тага донеси.
        („Денови“-Кочо Рацин)

1._________________
2._________________
3._________________        1-2;3-4
4._________________
2.Вкрстена рима
„Два конца парај од срцето драги,
  едниот црн е,а другиот црвен,
  едниот буди морничави таги,
  другиот копнеж и светол и стрвен.“
        („Везилка“-Блаже Конески)


1._____________________
2._____________________
3._____________________         1-3;2-4
4._____________________
3.Обгрлена рима
„Светка, зимски, мраз по улиците.
Снегот од кровови обвиснува
 во мразулци.А што ни смислува
 ќе кажат допрва капавиците.

1______________________
2______________________
3______________________           1-4;2-3
4______________________



                            
    
      
                Римата во песната„Везилка“-Блаже Конески